Срам за паметење: Македонските кадетки загубија со речиси сто поени разлика!

За разлика од машките колеги на своја возраст, кои го обелија образот на македонската младинска кошаркар со опстанок во европската елита, кадетките синоќа го претрпеа можеби најтешкиот пораз на една жолто-црвена селекција, откако загубија во пресметката со Србија со огромни 89 поени разлика (24-113).

Ова беше воведен меч од ЕП за кошаркарки до 16 години, дивизија Б, кое се игра во Подгорица, а кој уште еднаш покажа дека женската кошарка кај нас е на најниски гранки и дека тешко дека во догледно време би можеле да очекуваме крај на ужасот. Нашите кадетки како да постигнуваа голови, а не кошеви па затоа во вториот период само двапати ја протнаа топката низ мрежичката, а во последната тоа го направија – еднаш во десет минути.

Илустрација на немоќта на македонските кошаркарки може да се види во статистиката, со оглед на тоа што имавме дури 56 скока помалку (75-19), загубивме неверојатни 32 топки, ги промашивме сите десет удари за тројка, а вкупно го погодувавме секој петти шут кон противничкиот кош (10/49). Мора да се нагласи дека српските кошаркари упатија неверојатни 100 шута кој нашиот кош од кои погодија 50.