Со алиби-подмладување и куп „туристи“ не се обезбедува пласман на ЕП!

Македонија ќе пропушти второ по ред Европско првенство (ЕП), откако попладнево дојде до пирова победа против Естонија, која не беше со поголема разлика од поразот претрпен од истиот противник пред една година во Скопје.

Неуспех што многу боли, пред сѐ поради фактот што континенталните собири сега се играат на четири години, па прва следна шанса ни е на шампионатот кој ќе биде десет години подоцна од нашето последно учество во европската елита, во 2015 година во Хрватска. На турнирот во Перм одигравме четири средби во пет дена, што е пеколен ритам дури и за екипи од НБА, но и покрај тоа, селекторот Александар Тодоров инсистираше на игра со седум кошаркари, на кои уште двајца кои минимално им помагаа. Десеттиот во ростерот одигра ептен епизодно, а дури петмина од играчката делегација го имаа статусот на - „туристи“.

Товарот падна на Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Џејкоб Вајли, кои просечно играа повеќе од 30 минути на мечевите во рускиот град, што е премногу за само еден меч, а не, пак, за ваков турнирски маратон. Веднаш зад нив се Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски, со присуство на теренот по околу 25 минути, но со средби во кои и тие играа повеќе од 30 минути, а кругот се затвора со Стојан Ѓуроски и Бојан Трајковски, кои просечни минуваа дваесетина минути на паркетот. Бојан Крстевски и Кристијан Николов беа само епизодисти со по некоја минута за да ги одморат главните актери, а Дамјан Робев како десетти доби шанса само на две средби, прво како кратко дефанзивно решение, а потоа и како замена за повредениот Д. Стојановски на средбата со Русија.

Се покажа дека попусто во Перм заминавме со 15 кошаркари, со оглед што останатите петмина, меѓу кои беа Виктор Ефремовски (играше малку кога беше решен дуелот со Русите), Филип Бакоч, Андреј Митровски, Лука Савичевиќ и Теодор Симиќ таму беа само како „туристи“, менувајќи го само местото на гледање на средбите – од трибини или од крајот на клупата. Факт е дека тие се светлата иднина на макбаскетот, најмногу последните тројца, но нивното присуство не донесе бенефит во Русија, освен како своевидна илузија за јавноста дека е направено некакво подмладување на националниот тим.

Селекторот дефинитивно можеше покорисно да ги искористи овие места за играчи кои би можеле да помогнат во играта, да одморат некој од носителите или, пак, да заменат некого од индиспонираните, какви што, рака на срце, имаше на турнирот во Русија. Наместо овие петмина, пред кои допрва е времето за докажување, сигурно покорисно ќе беше во авионот за Перм да се најдат поискусните Љубомир Младеновски, Кире Николовски, Бобан Стајиќ, Адем Мекиќ, па и Дарко Соколов, кој сезонава игра како прероден во дресот на Еуро Никел. Со нив конкуренцијата и на тренинзите ќе беше далеку посилна и пожестока, па можеби и ќе донесеше дополнителен мотив и квалитет кај „сигурните“ во ростерот на предводникот на националниот тим.

Во модерниот спорт нема поделба на стари и млади, туку само на добри и лоши. Тоа е нешто на што Тодоров мораше да размислува, особено за краток турнир, на кој, за Македонија, најважен беше само резултатот, односно крајниот епилог околу пласманот на ЕП. Подмладувањето мора да дојде постепено и не по цена несакано да влијае врз конечниот резултат. Затоа, сето ова со т.н. подмладување делува само на своевидно алиби во случај на неуспех, со оглед што на теренот беа истите тие што со години наназад го носат жолто-црвениот дрес.

А, неуспехот, за жал, се случи, што сега му отвори простор на стручниот штаб, дали во овој или некој друг состав, да експериментира со помладите кошаркари кога Македонија и овој пат за жал, повторно ќе игра претквалификации за пласман на СП 2023 година.

И.К.