Скариоло: Македонија може да ни направи многу проблеми, посебно Вајли!

Селекторот на светскиот кошаркарски првак Шпанија, Серџо Скариоло ги предупреди денеска своите кошаркари пред утрешната пресметка со Македонија (19.30 часот) во Скопје дека црвено-жолтите може многу проблеми да ѝ направат на „црвената фурија“, а најмногу треба да внимаваат на – Џејкоб Вајли.

Македонија и Шпанија го отвораат главниот квалификациски циклус за СП во 2023 година, откако нашата селекција го мина претквалификацискиот филтер и сега Скариоло ги предупредува своите избраници гостувањето да не го земаат здраво за готово, зашто пред себе имаат противник кој е брз и физички силен.

„Македонија има играчи на високо европско ниво, а посебно тоа е Џејкоб Вајли, кој секако има голем потенцијал и кошаркар кој може да ни направи многу проблеми. Македонија има брзи играчи, атлетски градени, посебно ниски и агресивни плејмејкери кои може да пенетрираат, а плус играат и на надворешна страна. Ние може да победиме, само ако одиграме на највисоко ниво“, вели Скариоло.

Според шпанскиот селектор, тактичката добра подготовка и игра со памет и концентрација треба да биде вовед за победа, а тренинзите во овие подготовки му покажале дека кошаркарите се полни со енергија и ентузијазам, но сето тоа ќе треба да го покажат на теренот.

„Сите играчи јасно покажаа дека привилегија и чест е да се носи овој дрес, па очекувам тоа да го покажат. Но, нема ништо лесно да ни биде во Македонија и може да имаме големи проблеми ако не влеземе максимално во мечот. Мислам дека овие четири дена најдобро ги искористивме за да направиме кохезија во тимот, а играчите да го сфатат концептот“ , додава шпанскиот селектор.