Шредер и Вагнер ги расплакаа Србите: Германија првпат е првак на светот (ФОТО)

Репрезентацијата на Германија е новиот сензационален шампион на светот, првпат во историјата, откако попладнево, по голема борба, ја совлада Србија (83-77) во големото финале на СП 2023 во Филипини, Јапонија и Индонезија.

Ова беше пресметка за паметење, која новиот првак ја доби со феноменалната игра во третиот период, особено во одбраната со оглед што го доби со 22-10. Со ова, Германците дојдоа до двоцифрена предност, со која го најавија крајниот епилог, што воопшто не им беше лесно бидејќи во последната четвртина се разигра Алекса Аврамовиќ. Кошаркарот на Партизан постигна 16 поени само во овие десет минути, но тоа не беше доволно да се направи целосен пресврт.

Денис Шредер беше херојот во германскиот табор, со оглед што средбата ја заврши со 28 поени, додека зад него беше Франц Вагнер со 19 поени и седум скока. Аврамовиќ беше лидер кај Србија со вкупно 21 поен.

Бронзениот медал на првенството заврши кај Канада, која ги совлада САД во малото финале.