Сестина џабе се најде на списокот на Илиевски - нема да игра најмалку три месеци!

Селекторот на македонската репрезентација Марјан Илиевски денеска го објави поширокиот список на кошаркари за стартот на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, а на него се најдоа дури тројца натурализирани кошаркари.

Меѓу нив и играчот на Олимпија Милано, Нејт Сестина кој, сепак, месецов нема да го облече дресот на нашиот национален тим. Тој ќе мора да се подложи на операција на раката, што ќе го задржи надвор од терените најмалку три месеци. Информацијата ја потврди тренерот на италијанскиот тим Еторе Месина, на прес-конференција по убедливиот пораз на неговиот тим вечерва против Хапоел во Милано.

Повредата на Сестина е само една во низата за Олимпија Милано од почетокот на сезоната. Сè започна со Џош Нибо и Лоренцо Браун, продолжи со Чанчар и Шевон Шилдс, а последен во низата беше Зак Ледеј.

Ако навистина треба да паузира три месеци, тешко дека Сестина ќе го видиме во македонскиот дрес и во февруарскиот „прозорец“ кога го пречекуваме Луксембург и гостуваме во Азербејџан. За ноемвриските натпревари, Илиевски ќе треба да бира меѓу Омари Мур и Џејкоб Вајли.