Јахорина без шанси, најубедлива победа за МЗТ сезонава во АБА 2 (ФОТО)
Постигнатите 96 поени се и најмногу кои тимот од Аеродром ги постигна сезонава во регионалното натпреварување. Се му одеше од рака на нашиот тим кој почна со одличен шут, а заврши со атракции, на задоволство на навивачите.

Јахорина некако се одржуваше во игра во првата четвртина во која МЗТ Скопје го диктираше темпото, но гостите во неколку наврати дојдоа до водство. Разликата во квалитет почна да се одразува кон средината на вториот период кога МЗТ почна да ја зголемува предност, а во финишот од полувремето првпат таа беше двоцифрна (52-41). Во тоа прво полувреме македонскиот првак постигна вкупно 57 поени, вклучувајќи 11 тројки.

На стартот од вториот дел Јахорина се закани дека може да го направи интересен натпревар и се доближи на 55-62, но следуваа седум поени по ред на Дамјан Стојановски за ново убедливо водство. Со тоа дефинитивно беше скршен отпорот на гостите кои до крајот залудно се обидуваа да се изборат за поприфтлив пораз.

Одличен натпревар одигра Илајџа Мекејден кој постигна 28 поени, плус седум асистенции и пет скока, Гил додаде 19 поени, а Дамјан Стојановски 13. Пред МЗТ Скопје е речиси едномесечна пауза, а на 17 декември го очекува тешко гостување кај поранешниот шампион на АБА 2, Златибор.





