Кадетската репрезентација на Македонија ќе се бори за пласман помеѓу 9-16 место на Европското првенство (ЕП) во Удине, откако попладнево го одигра најлошиот меч на шампионатот по што заслужени загуби во осминафиналната пресметка со Русија (45-70).

Тоа значи крај на сонот за медал и враќање во реалноста, а тоа е борба за опстанок во елитната конкуренција. За тоа ќе биде доволна победа во утрешниот меч против БиХ (16.30 часот), но ако евентуално загубиме тогаш ќе бидеме во проблеми. Со оглед што три репрезентации се селат во понизок ранг, жолто-црвените ќе треба да ги победат последните две средби ако сакаат и следната сезона да играат во друштво на најдобрите.

Ужасниот шут од секоја позиција беше главната причина за убедливиот пораз на избраниците на селекторот Денис Дервишевиќ, кои денеска беа инфериорни дури и во скок-играта (43-63), нешто што беше наш заштитен знак на претходните средби. Кошаркарите на возраст до 16 години шутираа малку над границата од 20-отстотна прецизност (17/72) со што не може да се победи ниту аматерски тим од маало, а не, пак, иднината на Русија.

Андреј Митревски со 14 поени беше единствен кој имаше двоцифрен ефект во нашиот тим, додека големиот талент Теодор Симиќ средбата ја заврши со шест поени и пет скока.

Зачудува и одлуката на селекторот Дервишевиќ во финишот да не им даде поголема шанса на Давид Трпески и Никола Василевски во ситуација кога победата одамна беше прежалена, со цел да почуствуваат како е да се игра на ЕП, но и да им се даде одмор на носителите на играта пред утрешниот најважен меч за нас на континенталниот собир.