Русија нѐ почести: Кадетите и официјално се меѓу осумте најдобри на ЕП во Сараево!

Македонската кадетска кошаркарска репрезентација и официјално ќе биде нашата прва младинска селекција која по шест-седум години ќе ја продолжи битката за највисок пласман на едно Европскот првенство (ЕП), дивизија Б, а со тоа и да се најде во ситуација за промоција во елитата.

Уште пред да го одиграме денешниот дуел од последното коло од првата фаза против Норвешка (16.30 часот), работа ни заврши селекцијата на Русија која ја совлада Белгија (84-71) и ни го осигура второто место во групата Б. Ова е добра вест за селекторот Александар Јованчев, кој сега слободно ќе може да ги одмори најдобрите поединци и да им даде поголема шанса на играчите од клупата, со цел што поодморни да ја дочекаме завршната фаза од второлигашкиот континентален собир.

Според сегашниот изглед на табелите во останатите групи, наш четвртфинален противник ќе ни биде Романија, селекција која досега има скор 3-1 и која вечерва игра со аутсајдерот Луксембург за потврда на лидерската позиција. Овој меч ќе го одиграме задутре.