
Репрезентацијата со две дополнителни засилувања замина да тренира во Гевгелија
Станува зборови за двоец од таборот на ТФТ – Тома Стојаноски и Виктор Ташовски, кои ќе треба да ја засилат конкуренцијата на тренинзите и да пробаат да се изборат за место во составот со кој ќе им се спротивставиме на Романија и на Унгарија. Тие им се приклучуваат на десетмината кошаркари, кои се појавија на првите тренинзи, а меѓу кои беа Андреј Магдевски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, Марин Петков, Лука Савичевиќ, Андреј Митревски, Максим Митевски, Амар Хот, Валмир Какруки и Лука Стојановски. Деновиве се очекува приклучувањето на Адем Мекиќ и на Теодор Симиќ, а за 23 јули ќе дојдат и Андреј Јакимовски и Џејкоб Вајли. Во комбинација за националниот тим се и неколку таленти како Стефан Стојковиќ, Марко Лукановски и Никола Јаничиќ, кои ќе треба да му се стават на располагање на селекторот Илиевски по завршување на обврските со младинската односно јуниорската репрезентација.
Кошаркарите во Гевгелија ќе тренираат во салата на поранешниот прволигаш Блокотехна, каде што ќе ги имаат сите потребни услови за подготовки во овие пеколни услови, како на паркетот така и во теретана. Во овој град ќе ги одиграат и единствените две пријателски средби и тоа против Швајцарија, кои се закажани за 26 и 27 јули. Македонија претквалификациите ги почнува празнично, со средбата на 2 август (Илинден) против Романија во Куманово.