Раритет: Наумоски, Давитков и Војновиќ во дрес на Слога од Чаир ја растураат - Албанија (ВИДЕО)

Деновиве на интернет-платформата за видеа „Јутјуб“ се појави ептен раритетна снимка од натпревар во кој се појавуваат легендите на македонската кошарка Петар Наумоски, Јорданчо Давитков и Ѓорѓе Војновиќ, но не во дресот на Работнички туку на култниот скопски тим Слога.

Станува збор за пријателски натпревар на тимот од Чаир, кој во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век беше расадник на млади таленти и редовен учесник во некогашната Прва Б-лига, а потоа и во македонската Прва лига, против репрезентацијата на Албанија. Мечот се игра кон крајот на јуни 1991 година, во време кога нашата држава сѐ уште е дел од поранешната СФР Југославија, поради што не постоело можност за меѓудржавен меч туку само за тренинг-пресметка на комбиниран тим со националната селекција, која тогаш се подготвувала за Медитеранските игри во Солун.

„Да ме утепате сега не можам да се сетам на овој натпревар. Разбирливо бидејќи е одигран пред скоро три децении. Сигурно бил некој меѓуклупски договор поради кој сме го облекле дресот на Слога. Важно е што сме победиле“, со насмевка на лицето ни изјави Давитков.

Покрај тројката која потоа со години ќе биде носител на репрезентацијата на Македонија, во дресот на Слога се појавуваат уште и Дарко Здравковски и Слободан Кањевац, кои во тоа време исто така беа членови на Работнички. Покрај нив, како тогашни кошаркари на чаирскиот тим на мечот се појавуваат поранешниот „металец“, Антонио Миневски и некогашниот тренер на Шкупи, Енвер Мифтари.

Средбата завршила со убедлива победа на комбинираниот тим на Слога (109-96), на чија клупа седи легендарниот тренер на овој тим, Баки Малиќи, кој почина пред неколку години.