Познати можните домаќини на ЕП 2021 на кое можеби ќе игра и Македонија!

Наредното Европско првенство во кошарка ќе се одржи во 2021 година, а ова лето, ќе биде познато во која од седумте заинтересирани земји ќе ги видиме најквалитетните европски селекции.

Седум земји се заинтересирани: Чешка, Естонија, Германија, Грузија, Унгарија, Италија и Словенија. Четири од овие држави ќе добијат домаќинство на собирот на најдобрите европски селекции.

Групната фаза ќе биде одржана во четири земји, а завршницата во една. Овој метод за првпат беше користен на ЕП во 2015, кое беше организирано во Хрватска, Летонија, Германија и Франција. 

Нашата репрезентација успеа да обезбеди место во главните квалификации, каде ќе бидат формирани осум групи со по четири репрезентации, а најдобрите три ќе играат на Евробаскетот.