Познат терминот кога ќе се играат кошаркарските олимписки квалификации

Поради пандемијата со коронавирус и откажувањето на сите спортски настани, меѓу кои и одложувањето на ЛОИ во Токио закажани за летово, поместувања има и во олимписките квалификации, па така кошаркарите наместо летово за виза на Далечниот Исток ќе се борат – догодина во исто време.

На последниот состанок на ФИБА било утврдено олимпискиот квалификациски циклус на кој ќе се вадат последните билети за олимпискиот турнир во Токио, да се играат од 26 јуни до 7 јули идната година, а групите и квалификациските турнири остануваат исти.

На ЛОИ во Токио пласман веќе имаат Јапонија (домаќин), Нигерија, Аргентина, САД, Иран, Франција, Шпанија и Австралија, а последните четири места ќе бидат познати на четирите квалификациски турнири од каде само победникот оди на најголемиот спортски настан. Домаќини на турнирите се Викторија (Канада), Сплит (Хрватска), Каунас (Литванија) и Белград (Србија).