Спортскиот директор на МКФ назначен за селектор на - Романија!

Неодамнешните најави дека македонски тренер ќе ја предводи кошаркарската репрезентација на Романија денеска добија своја официјална потврда, откако денеска медиумите од оваа земја објави дека Заре Марковски ќе биде нов селектор на селекцијата од зад Карпатите, откако ја доби битката со Сашо Филиповски кој исто така беше во комбинација за оваа работа.

Станува збор за спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), кој иако веќе неколку години воопшто не се појавува во Куќата на кошарката, сепак, никогаш не беше официјално сменет од својата функција во овој спорт кај нас, барем не на транспарентен начин кој би бил објавен во јавноста. Тоа воедно значи дека Марковски би бил првиот спортски работник со две исклучително значајни улоги во различни национални федерации.

Секако, ова ќе биде само теоретски бидејќи искусниот стратег одамна нема никакви допирни топки со македонската кошарка, каде што за кусо време направи вистински хаос кој резултира со ужасно лош резултат на Европското првенство (ЕП) пред две години во Загреб. Тогаш непосредно пред стартот на подготовките без никаква причина го смени миленикот на јавноста Александар Џикиќ, влезе во кавга со неговиот наследник Марјан Србиновски, па имаше физичка пресметка со репрезентативецот Бојан Трајковски. Брзо по шампионатот целосно си замина од канцеларијата на МКФ, но никогаш официјално не беше сменет од својата функција, ниту, пак, даде оставка на истата.

Предводењето на Романија ќе биде втора селекторска работа за Марковски, по предводењето на Македонија во квалификациите и на континенталниот собир во 1999 година во Франција, кој беше прв во историјата на жолто-црвените. Станува збор за искусен стратег со долга интернационална кариера во клубови од Италија, Швајцарија и Турција, кој во моментов е предводник на турскиот прволигаш Трабзонспор.