Од последниот меч на ФИРОМ зависи судбината на кошарката во Северна Македонија!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва, на гости против Романија (17 часот), ќе го одигра најважниот натпревар во последните пет години, кој воедно ќе биде и последен со акронимот ФИРОМ (Поранешна југословенска република Македонија) кој е во употреба во ФИБА пред официјалното влегување во употреба на новото име на државата и во спортски рамки.

Од овој дуел директно зависи судбината на кошарката во земјата која наскоро ќе настапува со ново име и на спортските натпревари (кога ќе се случи тоа зависи од Интернационалнио Олимписки Комитет), бидејќи победа нѐ враќа во европската елита, додека пораз со 15 и повеќе поени разлика нѐ остава во друштво на најголемите кошаркарски „пацери“ на Стариот континент. Жолто-црвените имаат скор 3-0 во досегашниот дел од втората претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2021 (две победи над Косово и една над Романците), но за да го задржат првото место, кое единствено гарантира влез во квалификациите, ќе мора да победат или барем да не загубат со негатива поголема од 14 поени.

Без разлика на проблемите со кои се соочуваа изминатиов период, отказот на Александар Костоски, повредата на Бојан Трајковски, доцнењето на Ричард Хендрикс и патешествието на селекторот Јорданчо Давитков, македонските репрезентативци најавуваат борба до последниот атом енергија за перфектен крај на престојот во овој ранг натпреварување.

„Реков и во Скопје, во Плоешти дојдовме да победиме, а не да го браниме резултатот од првиот меч (90-76 – н.з.). Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме. Доволно добро го знаеме составот на Романија и мислам дека нема многу простор за изненадување. Важно е играчите да се одморени и да бидат сконцентрирани, секој на својата улога вечерва. Тренинзите повеќе беа тактички, а не кондициски. Се надевам дека ќе успееме сите да го надминеме уморот од патувањата и дека ќе успееме да дојдеме до победа. Стајиќ и Магдевски со помошта од Караџовски ќе ја преземат одговорноста на плејмејкерската позиција на која долги години беше Костоски и верувам дека ќе успеат во тоа“, вели Давитков.

Во најнесаканиот случај за нас, а тоа е Романија да нѐ победи со, за нив, потребната разлика, тогаш наша последна шанса би била евентуална победа на Косово против оваа селекција во последниот меч во групата, в понеделник во Приштина. Денешната средба од Плоешти, инаку, ќе биде директно пренесувана на првиот канал на националната МТВ.