Димитријевиќ е еден од најдобрите двајца млади кошаркари во Еврокупот

Генералните менаџери на тимовите што се натпреваруваат во Еврокупот учествуваат во анкета по првиот дел од сезоната, во која им беа поставувани разни прашања и разговараа на разни теми поврзани со играчите и тимовите кои се дел од ова натпреварување.

Една од темите беше насловена како „Ѕвезди во подем“, во која се најде македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, кој според генералните менаџери е втор најдобар млад играч во ова натпреварување. Виктор Вембанјама од Нантер доби 20,8-отсто од гласовите додека организаторот на играта на Хувентуд и на жолто-црвената селекција имаше 16,7-отсто во анкетата на Еврокупот.

Испитаниците сметаат дека екипата од Бадалона е една од најзабавните за гледање, заедно со Виртус Болоња, и еден од најтешките противници во Еврокупот, исто така во тесна конкуренција со тимот од Болоња. Соиграчот на Димитријевиќ, Анте Томиќ, пак, е еден од најсериозните кандидати за МВП-титулата, за што му се даваат 20,8-отсто шанси, додека далеку пред сите е Милош Теодосиќ, за кого би гласале 41,7-отсто од анкетираните менаџери.

Францускиот Бург е најпријатното изненадување во првиот дел од сезоната, додека очекувањата се дека завршниот меч во оваа конкуренција ќе го играат екипите на Виртус Болоња (95,8-отсто) и Уникаха од Малага (45,8-отсто).