
Можело и обратно: Македонија „краде“ голема надеж на српската кошарка! (ВИДЕО)
Како што Драган Луковски, Ненад Зивчевиќ и во скоро време Дино Боцевски тргнаа на север желни за докажување во реално подобра кошаркарска средина, големиот српски талент Данило Дабетиќ (16 год, 194 см) е решен да го исчекори истиот пат, но во обратна насока. Станува збор за млад кошаркар кој изминатиов период настапува за тимот на Плеј 017 од Бујановац и кој деновиве се подготвува со кадетската репрезентација на Македонија.
Информациите од Куќата на кошарката, засега неофицијално, велат дека е веќе почнат процесот за негова натурализација и дека се очекува тој да настапи на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, кое од 9-18 август ќе се одржи во Сараево (БиХ). Дабетиќ иако е релативно висок за својата возраст, игра на бековската позиција, а се карактеризира со прецизен шут од далечина и со завидна техника која му овозможува лесно поентирање со влезови под кошот.
Дел од подготовките на кадетската национална селекција е уште едно име кое настапува надвор од македонските граници и тоа Матеј Перица, кој доаѓа од Франција и има македонски корени.