Миовски: Сезонава остварив многу соништа – не знам дали ќе останам во Жирона!

Од играње футсал поради забава во родниот Штип и бодрење на Реал Мадрид како навивач, до настап во Лигата на шампиони и статус на водечки напаѓач на македонската фудбалска репрезентација — животната приказна на Бојан Миовски е доказ дека упорноста и вербата во себе се клучот за остварување на соништата.

Иако сезоната не се одвиваше како што посакуваше, напаѓачот на Жирона во ексклузивно интервју за американскиот медиум „РГ“ откри дека и покрај тешкиот старт во Ла Лига, за него оваа година значела остварување на детскиот сон.

„Многу мои соништа се остварија сезонава, иако не како што се надевав или очекував бидејќи промашив пенал на дебито во Лигата на шампионите. Играњето во ЛШ и во една од Топ 5 лигите во Европа е цел на секој играч. Кога имав само 16 години, играв мал фудбал со моите пријатели и ако некој тогаш ми кажеше дека 10 години ќе бидам каде што сум сега – немаше да му поверувам”, велиМиовски.

Тој минатото лето потпиша за Жирона, но долгите преговори го спречија да ја мине претсезоната, што влијаеше врз неговата форма. Каталонскиот клуб започна во Лигата на шампиони, но заврши во долниот дел на табелата, само еден бод над зоната за испаѓање.

„Не бев физички подготвен кога стигнав, трансферот се финализираше доцна, а веднаш потоа следуваше репрезентативна пауза. Немав време да се вклопам со новите соиграчи. Но, самодовербата никогаш не ми недостигала. Кога не играв редовно ни во македонската лига, верував дека моето време ќе дојде. Критиките ги прифаќам како дел од играта,“ објасни Миовски, кој со четири гола на 22 средби ја одигра најслабата сезона од 2019 година.

Очите на Миовски светнуваат при спомнувањето на Абердин, каде што ги носеше „деветката“ и стана миленик на навивачите.

„Абердин остави силна трага во мојата кариера, и многу ми недостасуваат тие моменти. Моето залагање и желбата секогаш да дадам гол беа причините што изградив толку силна врска со навивачите. Нивната поддршка беше неверојатна, и сè уште добивам пораки од нив – тоа многу ме радува“, дополнува Миовски.

Со отворањето на летниот преоден рок, шпекулациите за иднината на Миовски се во полн ек по неуспешната деби-сезона со Жирона. Но тој е фокусиран само на следната сезона.

„Мојата примарна цел е да постигнам што е можно повеќе голови следната сезона и да ѝ помогнам на Жирона да ги исполни своите цели. Имам долгорочен договор, но не можам да кажам што ќе се случи во лето. Клубот ме гледа како проект за развој, и имам уште три години договор, но сè е отворено – дали ќе останам или ќе заминам, зависи од клубот,“ завршува Миовски.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.