Марин Докузовски влегува во политиката и тоа во - општина Карпош!

Еден од најтрофејните македонски тренери, Марин Докузовски, кој ја предводеше репрезентацијата до историското четврто место на ЕП во Литванија пред десет години, одеднаш реши да смени професија и на изненадување на јавноста одлучи да има нов предизвик и тоа – политички.

Како што пишува Фокус, веќе легендарниот стратег треба да биде носител на советничката листа на СДСМ во општина Карпош, каде што кандидат за градоначалник од оваа политичка опција е Душко Весковски, поранешен прв човек на „Водовод“.

Докузовски на крајот од минатата сезона си замина од Работнички по една од најслабите сезони на тимот од Градски Парк во историјата. Марин, кој сега решил дека политиката му е поважна од спортот, долги години работеше како прв тренер на Работнички, а во последните две и како шеф на стручниот штаб на тимот од Центар.

Според прелиминарните кандидатски листи за советници на претстојните локални избори, делува неверојатно, но најмалку уште еден реномиран поранепен спортист ќе биде носител на предлог-листата.

Станува збор за поранешната ракометна ѕвезда, а сега тренер на машкиот суперлигаш Скопје, Адријана Будимир, која ќе биде предводник на кандидатите за советници на СДСМ во општина Центар.

Овие две одлуки на реномираните спортски имиња наиде на зачудување, но и осуда на голем дел од спортската јавност, бидејќи публиката смета дека спортистите битката треба да ја водат на спортскиот терен, а не во политичкиот ринг.