Македонски репрезентативец ја напушти Шпанија за кариерата да ја продолжи во – Јапонија!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Шејн Витингтон, нема да ја продолжи соработката со шпанскиот прволигаш Реал Бетис, по што реши кариерата да ја продолжи во далечната Јапонија.

Според пишувањата на „Спортандо“, Американецот со македонски пасош следната сезона ќе игра за тимот на Микава Сихорс, кој се натпреварува во јапонската елита. Високиот центар минатата сезона, до прекинот поради пандемијата со коронавирусот, во дресот на Реал Бетис просечно реализираше 8,4 поени и 4,5 скока.

Преселбата на Витингтон на Далечниот Исток воедно ќе значи и крај на надежите дека би можел да настапува за македонската селекција во продолжението од квалификациите за ЕП 2021, односно дополнителна задача за селекторот Алекснадар Тодоров да му најде соодветна замена. Тој ги одигра двата меча против Естонија и Русија на стартот од квалификацискиот циклус, кои Македонија ги загуби, како и неколку претходно во претквалификацискиот циклус, кога селектор беше Јорданчо Давитков.