Македонија ќе ѝ гостува на Шпанија во сала каде што се играл Ф4-турнир од Евролигата!

Македонската кошаркарска репрезентација следниот јулски циклус од квалификациите за СП 2023 ќе го почнат со гостување во Шпанија, која за домаќин на оваа средба ја одбра култната сала „Павиљон Принц Фелипе“ во Сарагоса, која има капацитет за 10.000 гледачи.

Станува збор за импресивен спортски објект, изграден во 1990 година, кој се очекува да биде исполнет до последното место на натпреварот кој е закажан за 1 јули. Во оваа сала во 1995 година беше одржан завршниот фајналфор-турнир од Евролигата, на кој триумфира Реал Мадрид предводен од легендарниот Арвидас Сабонис.

Македонија ги загуби досегашните четири средби од групата Г, а во последното коло би требало да ја пречека Украина (4 јули) во клучниот меч за пласман на едно од првите три места кои водат во следната фаза. Но, оваа дилема би можела и административно да биде решена со оглед на руската агресија врз Украина, која ако продолжи и во следните месеци би можела да доведе до ситуација кошаркарите на оваа земја, кои веќе имаат меч помалку, против Шпанија на домашен терен, да се откажат од учеството во квалификациите.

Во тој случај, без разлика на резултатите од јулскиот циклус, Македонија би се пласирала во втората фаза од квалификациите за Мундобаскетот, но истовремено би се нашла и меѓу 32. селекции кои ќе се борат за пласман на ЕП 2025 без претходно да минат низ претквалификацискиот филтер.