Резил на стартот: Кадетките даваа кош на секои 200 секунди, па загубија со 77 разлика!

Македонската женска кошаркарска репрезентација до 16 години катастрофално ги стартуваше настапите на Европското првенство (Б-дивизија) во Софија, откако на првиот меч загуби од Холандија со убедливи 101-24.

Во првата четвртина „црвено - жолтите“ девојки успеаа да постигнат само два поени (2-27), во втората три (3-27), додека најдобро одиграа во третиот период , во кој запишаа 14 коша (14-20). Но, тоа не беше доволно да се избегне дебаклот против фаворизираните Холанѓанки. Во последната повторно се вратија на старата „шема“, каде запишаа само пет поени, а примија дури 27.

Кадетките, математички кажано, постигнуваа по еден кош на секои 200 секунди, а мора да се нагласи дека во првите 20 минути реализираа само пет поени додека противникот постигна 54.

Најефикасна во редовите на Македонија беше Габриела Модева со десет поени. За два дена, нашата млада селекција ќе го одигра и вториот меч, кога за противник ќе ја има селекцијата на Бугарија.