Македонската кошаркарски репрезентативци веќе трет ден се подготвуваат за првите два меча од квалификациите за ЕП 2021 против Естонија (20 февруари) и Русија (23 февруари), а добра вест за новиот селектор Александар Тодоров е комплетирањето на националниот тим со приклучувањето на Ненад Димитријевиќ, кој е најавен како лидер на новата, подмладена избрана селекција.

Кошаркарот на Хувентуд веднаш влезе во пеколниот ритам наметнат од стручниот штаб, кој најави максимална работа со цел кошаркарите да бидат во топ-форма за првата пресметка против Естонците, в четврток во „Борис Трајковски“. Станува збор за дуел кој едноставно мора да се добие, поради што решеноста и мотивираноста е лесно воочлива на лицата и во очите на репрезентативците.

На вечерашниот тренинг жолто-црвените, чија просечна старост е нецели 25 години ја имаа поддршката од две легенди на макбаскетот, Перо Антиќ, претседателот на КФМ и на Ѓорѓе Војновиќ, првиот човек на „Триглав осигурување“, кој пред неколку дена стана главен помагател на федерацијата во делот на развојот на младинската кошарка. Нивното присуство донесе уште поголем елан, особено кај дебитантите, кои сакаа да се прикажат во најдобро светло пред своите некогашни идоли.

Македонија единствениот натпревар во пресрет на двомечот со поранешните советски републики ќе го има утре и тоа против Гостивар. Дуелот ќе биде од затворен карактер, но ќе биде одлична можност за Тодоров да ги види моменталните можности на своите избраниците, како и да направи анализа на тоа што треба да се исправи до стартот на квалификациите.

Дуелот, пак, со Русија ќе го одиграме на гостински терен во далечниот Перм.