Летонија „испука“ сè што има против Чешка за трет триумф на Евробаскетот

Кошаркарите на Летонија на одличен начин ја завршија групната фаза на Евробаскетот, откако во последниот меч триумфираа со 109-75 против Чешка, откако претходно обезбедија пласман во осминафинале.

Натпреварот немаше големо значење за тимовите, па селекторот на Летонија реши да им даде шанса на повеќе кошаркари, кои беа одлични на паркетот и постигнаа дури 109 поени.

Главен на паркетот беше Кристапс Порзингис кој погодуваше од секоја можна позиција на паркетот, а натпреварот го заврши со 16 поени, седум скокови и три асистенции, додека најефикасен на теренот беше Дејвис Бертанс со 20 поени, шест скокови и две асистенции.

Летонија ја завршува групата на третата позиција со осум бодови, додека Чешка остана последна со пет порази.