
Вардар падна во последните секунди, Пелистер го освои Суперкупот
Ракометниот спектакл почна со доцнење, но веднаш понуди возбудлива игра на теренот каде што Пелистер постојано имаше предност сè до 14. минута, по што Вардар влезе во одлична серија и стигна до 10-6.
„Црвено-црните“ ја чуваа предноста од три гола до последната минута од првото полувреме, кога следеше пад на концентрација и блесок на битолчани кои ја намалија негативата на еден гол (12-13).
Пелистер подобро го почна второто полувреме и поведе со 15-14, по што се играше гол за гол сè до последните 10 минути кога битолчани создадоа предност од четири гола. Тренерот Чупиќ побара тајм-аут, по што успеа да ги разбуди вардарци кои израмнија на 26-26.
Драмата траеше до последните секунди, кога Хосни успеа да се пробие низ одбраната на Вардар и да постигне гол за триумф од 28-27.
Најефикасен ракометар беше Хосни со осум голови за Пелистер, додека Кавада запиша шест погодоци за Вардар.