Кошаркарките прегазени и од Германија – за утеха добија едно полувреме (ФОТО)
Ова беше меч со две тотално различни полувремиња, со оглед што нашите девојки, конечно, покажаа барем нешто во овие квалификации, во кои пред само неколку дена загубија со повеќе од 70 поени разлика од Белгија. Тие со одличната втора четвртина (19-9) на одмор заминаа со предност 35-27, која им даде надеж дека би можеле да дојдат до сензација.
Но, гостинките кога видоа дека нема да дојдат до бодовите без да се испотат, заиграа многу подобро, па во второто полувреме ги растурија домашните кошаркарки. Германките во третиот ни вратија на идентичен начин (19-9), а беа уште поубедливи на крајот со оглед што последните десет минути ги добија со 25-3.
Американката со македонски пасош, Мерит Хемпе, беше најефикасна кај жолто-црвените со 20 поени, додека Јелена Антиќ постигна осум, а Нена Трајчевска седум поени.
Последните два дуели од групата во која веќе немаме ни теоретски шанси за пласман понатака ќе ги одиграме во февруари, кога прво ќе ѝ гостуваме на БиХ, па ќе ја пречека Белгија.