Кошаркарките добија силна група на патот кон ЕП – првпат ќе играат против Србија!

Македонската женска кошаркарска репрезентација доби шанса првпат на официјален натпревар да игра против соседна Србија, со која сме во квалификациската група за пласман на ЕП 2025 во која уште се и селекциите на Украина и на Португалија.

Жолто-црвените се во една од деветте групи со по четири национални селекции, што е сефте да се игра по овој систем, а причина за тоа е фактот што ова ќе биде прв континентален собир со четири земји-домаќини. Тоа ќе бидат Чешка, Германија, Италија и Грција, кои се во иста група и кои ќе играат меѓу себе средби без натпреварувачки карактер, бидејќи визата за ЕП веќе им е загарантирана.

Србинките како двоен поранешен европски шампион (2015 и 2021) се најголеми фаворитки за освојување на првото место во нашата група, додека македонските девојки ќе се обидат да покажат дека полека, но сигурно продолжуваат да напредуваат. Пласман на ЕП ќе обезбедат осумте првопласирани од секоја група, како и четирите најдобри второпласирани репрезентации.