Кошаркарите со три нови имиња и пак без селектор по прва победа на патот кон СП 2023!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва, во салата Борис Трајковски“ во Скопје, ќе го одигра вториот меч во само неколку дена против Грузија (20 часот) во кој ќе стори сѐ за да дојде до првиот триумф, со кој би направила голем исчекор кон место во втората фаза од квалификациите за СП 2023.

Селекторот Драган Бајиќ сѐ уште е позитивен на Ковид-19 што значи дека од клупата повторно ќе диригира неговиот помошник Александар Јончевски, кој на располагање ќе има три нови имиња. За разлика од дуелот во Тбилиси, каде што бевме убедливо поразени (70-91), во составот ќе бидат Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски и Андреј Андоноски, а ќе ги нема Андреј Маслинко и Андреј Митревски поради повреди, како и младиот Павел Данаиловски.

„Последните два-три дена правев третмани, се чувствувам многу подобро и подготвен сум да ѝ помогнам на репрезентацијата на натпреварот со Грузија. Очекувам поразличен меч од тој во Тбилиси. Играме дома, еве и јас ќе можам да помогнам и се надевам на тотално поинаков развој на настаните. Сите веруваме во подобар исход, а атмосферата во тимот е најважна во вакви ситуации. Мекфаден и Шермадини со години играат на сериозно високо ниво во шпанската лига и јасно е дека тие се најсилна страна на грузиската репрезентација. Затоа и ќе се обидеме да ги запреме колку е тоа возможно. Верувам дека можеме“, изјави повратникот Ненада Димитријевиќ, кој поради недоволна залеченост го пропушти дуелот во Тбилиси.

Грузијците во Скопје доаѓаат со истиот тим со кој нѐ победија пред три дена, во обид да дојдат до третиот триумф во четвртиот меч од квалификациите. Македонија, пак, досега има три порази, па евентуален неуспех ќе значи и големо оддалечување од едно од првите три места што водат во втората квалификациска рунда. Средбата ќе биде пренесувана на регионалната телевизија Спортклуб 3.

Вториот меч од нашата група помеѓу Украина и Шпанија е одложен поради војната во земјата која требаше да биде домаќин на овој дуел.