Кошаркарите се сигурни во Луксембург – ги „чува“ поранешен специјалец од Гостивар (ФОТО)

Дека македонската дијаспора е голема и присутна насекаде се потврди за време на престојот на кошаркарската репрезентација на Македонија во Луксемург, кога при самото влегување во салата пред денешниот меч (16 часот) од претквалификациите за ЕП 2029 бевме пречекани од членови на организацискиот тим на чист – македонски јазик.

Од Луксембург,

ИГОР КРСТЕВСКИ

Зачуденоста престана кога дознавме дека станува збор за иселеници од Дебар и Гостивар, кои својата среќа ја побарале во ова војводство со најсилна економија и највисоки плати во ЕУ. Дебачанецот подолго време е дел од луксембуршкото општество, додека далеку поинтересна беше приказната на гостиварецот Петар, кој помалку од една година живее во Луксембург и веќе е одушевен од оваа држава. Тој е поранешен припадник на специјалната полициска единица во Скопје, кој низ шега ни кажа дека нема да дозволи ништо да им нашите момци додека тој е на „стража“, иако тоа не е во опис на неговите работни задачи.

„Бев пресреќен кога дознав дека ќе бидам дел од организацискиот тим на средбата на Луксембург против мојата Македонија, што ми даде можност да се видам со моите сонародници. Тука сум осум месеци и можам да кажам дека ова е идеална држава за живеење, особено за семејни луѓе. Системот функционира беспрекорно, трудот и работата се ценат и наградуваат, се е средено и едноставно како да сме на друга планета во споредба со македонското искуство. Далеку од тоа дека се жалам, но тоа е реалноста. Повеќе од една деценија работев во специјалната полиција и имав убав живот, но на сопругата ѝ се отвори можност да дојде да работи тука, која со две раце ја прифативме. И не погрешивме“, ни изјави Петар.

Тој ни кажа дека не треба да се очекуваат премногу македонски навивачи, со оглед што македонската заедница во Луксембург не е преголема, ниту, пак, нешто посебно организирана.

„Дури последниве месеци успеавме колку-толку да се организираме, да се собереме на едно место сите што сме од Македонија. Веќе имаме и училиште во кое се учи на македонски јазик, засега четири пати неделно, но се трудиме да го кренеме на официјално ниво. Од неодамна имаме и наша македонска црква, каде што можеме да се собереме, особено на големите верски празници. Претходно бевме приморани да одиме во руската црква, но сега си имаме наша“, дополнува гостиварецот.

Петар ја користеше секоја можност да поразговара на својот матичен јазик, најавувајќи дека без разлика што веќе е вклопен во луксембуршкиот систем, сепак, не постои сила што ќе ги натера да не навива за Македонија. Надевајќи се дека кошаркарите претквалификацискиот циклус ќе го завршат со уште една победа, односно без пораз.