Кошаркарите против Италија ќе бркаат прв триумф, но и ќе се загреваат за Естонија!

Македонската кошаркарска репрезентација денеска, против силната Италија (15 часот), ќе го одигра третиот меч од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2022 во кој ќе се обиде да дојде до првиот триумф, откако ги загуби првите две пресметки во февруарскиот прозорец на ФИБА.

Дуелот ќе се одигра во Талин, домаќинот на т.н. „балон“ во кој задутре ќе ги одмериме силите со домаќинот Естонија, кој дефинитивно е најзначаен за нашата селекција на патот кон следниот континентален собир. Победата против „аѕурите“ и тоа како добро би ни дошла, но би била залудна ако потоа не го победиме домаќините и тоа со најмалку двоцифрена разлика за да ја надополниме негативата од првиот меч во Скопје (62-71).

Ова, пак, би значело дека денешниот дуел би бил своевидно загревање за момците предводени од селекторот Александар Тодоров, особено што тој на располагање има „шарен“ состав, без четворица првотимци од првите два меча. Ненад Димитријевиќ има оправдание од лекар дека не може да игра за Македонија по прележаниот коронавирус, Бојан Крстевски и Андреј Маслинко се повредени, а Стојан Ѓуроски е во изолација поради позитивен тест на Ковид-19. Згора на тоа, во тимот ќе има и нов Американец, Џејкоб Вајли од Гран Канарија, кој првпат ќе се најде на терен со новите соиграчи.

„Во Талин дојдовме со изменет состав, недостасуваат некои играчи кои беа дел од тимот во минатиот циклус, а имаме нов соиграч и уште неколку момчиња кои треба да се иднина на нашата кошарка. Кај нас ниту имало, ниту, пак, ќе има простор за калкулации. Играме во дресот со националниот грб, а тоа е обврска за сите нас да го дадеме својот максимум. Тоа нема да биде исклучок и овде во Талин, без разлика дали играме со Италија или со Естонија. Не треба да се залажуваме дека Италија е слаба зашто има некои нови играчи. Напротив, се подготвуваме како да играме против нивниот најсилен состав, па ќе видиме што ќе ни донесат тие 40 минути“, вели еден од најискусните во репрезентацијата, Марко Симоновски.

Добра вест е што во жолто-црвениот состав се враќа искусниот Бојан Трајковски, а празните места на тие што ги нема ќе ги пополнат уште и Виктор Ефремовски, Филип Бакоч, Лука Савичевиќ и Леонид Тодоровски, со тоа што последните двајца ја имаат улогата на дебитанти во дресот со национални обележја.

Италијанските кошаркари играат надвор од конкуренција во групата Б, со оглед што се веќе пласирани како еден од организаторите на ЕП 2022. Тоа значи дека Македонија, Естонија и Русија ќе се борат за двете преостанати билети за континенталниот собир, битка во која нашите кошаркари во моментов се со најмали шанси поради поразите токму од овие два тима.

Денешната средбата против Италија нема да биде пренесувана на некоја македонска телевизија, туку на регионалниот спортски канал Спортклуб 3.