
Кошаркарите бркаат победа за достојно простување од квалификациите
Во петокот нашиот национален тим ги загуби шансите за пласман на Европското првенство, а вечерва против Полска ќе игра за својата чест и за достојно простување од овие квалификации. Полската репрезентација е единствена која ја победивме досега и тоа како гости со 25 поени разлика, па избраниците на Александар Јончевски ќе се обидат да го повторат тој успех.
Со оглед на тоа што натпреварот нема никакво резултатско значење, тоа е добра можност Јончевски да им даде шанса на некои кошаркари кои би требало веќе во следниот циклус да ја преземат одговорноста и да го предводат националниот тим. Најавено е дека Шортс и Димитријевиќ ќе бидат во составот, но со помала минутажа, па „помладите“ во екипата ќе треба да излезат во прв план.
Натпреварот против Полска се игра од 18:30 часот во Кале, а судии ќе бидат Мануел Мацони од Италија, Фернандо Калатрава од Шпанија и Џан Мавису од Турција.