Кадетките заминаа за Бугарија: Ќе бркаат место за А - Дивизијата

Македонската репрезентација составена од кошаркарки до 16 години замина за Софија, Бугарија каде во наредните десет дена ќе земе учество на Европското првенство (Б - Дивизија).

Кошаркарките речиси два месеца тренираа во Скопје и во Маврово, а одиграа и пријателски натпревари на домашен терен.

„Црвено-жолтите“ се сместени во единствената група со пет репрезентации, групата Д заедно со Луксембург, Холандија, Бугарија и Украина.

Македонија првенството утре ќе го отвори со натпреварот против Холандија, на 16 август е слободна, а на 17 се среќава со домаќинот Бугарија. Следи уште еден ден за одмор, а на 19 август противник на македонските кошаркарки ќе биде Луксембург додека последниот натпревар од групната фаза, против Украина е закажан за на 20 август.