Кадетите со тежок кикс го почнаа Европското првенство

Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија доживеа неочекуван пораз од Кипар со 76-82 во првото коло од Европското првенство Б-дивизија што денеска почна во Скопје.

Нашите кошаркари го диктираа темпото и беа во водство речиси цел натпревар, а на помалку од четири минути пред крајот водеа и со девет поени разлика (72-63). За жал тука застанаа, Кипарците го затворија натпреварот со серија од 19-4, имаа 11 поени по ред, а во финалните три минути погодија дури пет тројки.

Мечот го завршија со дури 14 тројки од 40 обиди и направија изненадување кое може скапо да ја чини македонската репрезентација со оглед на тоа што, на хартија, Кипар беше еден од аутсајдерите во групата.

Некрунисана остана играта на Лука Чучанов кој оствари монструозен дабл дабл со 18 поени и 16 скока, а македонската репрезентација повеќе нема право на пораз ако сака да остане во игра за пласман во четвртфиналето.