Кадетите ја победија Португалија и ќе играат за деветтото место на Европското првенство

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 16 години денеска забележа уште еден триумф (70-68) против Португалија и така дојде до мечот за борба за деветтата позиција во рамките од Европското првенство во „Б“ дивизијата.

Македонија беше подобра репрезентација во текот на целиот натпревар и на крајот заслужено дојде до победата. Во ниту еден момент избраниците на селекторот Јованчев не ја испуштија контролата над резултатот.

Првиот дел заврши со предност за нашите кошаркари од 15 поени разлика (45-30). Португалците во вториот дел сепак заиграа подобро и дојдоа на половина од таа негатива.

Победникот беше решен во првите минути од последниот период кога Македонија влезе во серија 11-1 и се „одлепи“ на сигурна разлика.

Григориј Ѓорѓевиќ во нашите редови беше најефикасен со 22 поени, а зад него следеше Алексеј Нешовиќ со дабл-дабл од 20 поени и 12 скока. Ериксон Тешеира за Португалците постигна 14 поени.

Во борба за деветтото место Македонија ќе игра против Унгарија или Велика Британија.