Јакимовски остана без заб во големиот триумф на Вашингтон стејт (ВИДЕО)

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Андреј Јакимовски, имаше двоцифрен поентерски учинок во триумфот на Вашингтон стејт универзитетот во пресметката со Калифорнија универзитетот (69-52), која долго ќе ја памети бидејќи остана без заб.

Ова беше дуел од првото коло на турнирот ПАК 12-конференцијата, кој се игра во Лас Вегас, а кој е во склоп на популарното „мартовско лудило“ во НЦАА-лигата. За Вашингтон Стејт ова е првпат од 1983 година да победи седум натпревари по ред против ривали од својата конференција.

Јакимовски на теренот помина 29 минути и за тој период постигна 10 поени (две тројки) и четири скока. Најефикасен во тимот беше Бамба со 17 поени, а Родман оствари дабл дабл со 10 поени и 11 скока.

За Вашингтон стејт нема одмор, бидејќи веќе вечерва следува нов натпревар на турнирот во Лас Вегас и тоа против Орегон универзитетот (23.30 часот). Во оваа фаза од НЦАА лигата нема поправен испит и секој пораз значи крај на сезоната. Овие екипи веќе два пати играа во актуелната натпреварувачка кампања и остварија по една победа.