Пелистер: Да се одложи стартот на полусезоната за да не се игра во мизерни услови!
Клубот апелира на слична поддршка и од Здружението на тренери, истакнувајќи дека одлуките за развој на спортот треба да бидат водени од интересите на играчите и спортот, а не од поединечни интереси.
„Температурата во салите, семафорите, осветлувањето и пристојните соблекувални се минимални предуслови за натпреварување во Првата лига. Нашата цел е фер-игра на терен, а не службени победи“, наведува клубот во својата изјава.
Битолчани нагласуваат дека моменталната состојба во македонската кошарка бара заеднички напори за да се излезе од кризата. Според клубот, ова е приоритет за сите актуелни чинители, како и за легендите на спортот, тренерите и другите стручни лица, чија поддршка е клучна. Клубот предлага одложување на вториот дел од сезоната додека не се создадат минималните потребни услови, притоа запазувајќи го тековниот ростер на тимовите.
„Нема да учествуваме во натпревари кои не ги исполнуваат елементарните технички услови“, додаваат од клубот.
Пелистер предлага ждребување за утврдување на судиските тројки за да се отстрани секој сомнеж околу делегирањето, повикувајќи на промени во процесот на работа на Комесарот за натпреварување. Во насока на поддршка на клубовите, Пелистер повикува средствата од казните собрани во првиот дел од сезоната да се искористат за набавка на официјални топки, истакнувајќи.
„Парите од казните се средства на клубовите и треба да бидат насочени кон обезбедување на основни ресурси за натпреварување.“
Клубот повикува на соработка и завршува со апел за заедничко делување.
„Суетите мора да се надминат во интерес на кошарката“.