
Иднината на макбаскетот: Стојковиќ и Луканоски се приклучија на националниот тим!
Тие до неодамна настапуваа за селекцијата под 20 години, од денеска се приклучуваат на сениорскиот тим што се подготвува за втората фаза од претквалификациите за Светскиот куп 2027. Нивната „прекоманда“ следи по нивниот одличен настап на ЕП (Дивизија Б), кое викендов заврши во Ерменија, каде што беа меѓу најдобрите поединци во екипата предводена од Горан Самарџиев. Луканоски, кој игра на центарска позиција, имаше просек од 14,4 поени, 9,4 скока и 2,6 асистенции по натпревар. Тој ќе биде значајно засилување во рекетот – сектор кој во моментов се смета за најдефицитарен во сениорскиот состав.
Стојковиќ, пак, се истакна со просек од 11,7 поени, 7,3 скока и 2,4 асистенции и ќе конкурира за позицијата „ниско крило“, токму пред првите контролни натпревари на сениорите против Швајцарија, закажани за 25 и 26 јули во салата на „НБ Ноел“ во Негорски Бањи. Двајцата млади играчи веќе беа на поширокиот список на селекторот Илиевски, па нивниот повик во сениорскиот тим делува како логичен следен чекор во нивната развојна патека.