Фантастичен старт: Македонија ја победи Словачка во првиот меч на Европското првенство
Нашата селекција на стартот го совладаа домаќинот Словачка со 71-63 за голем чекор кон пласманот во нокаут фазата. Македонската репрезентација го диктираше темпото на овој натпревар, имаше убедливо водство од втората четвртина, на моменти мошне убедливо, а покажа и карактер откако дозволи предноста да се стопи и Словачка да ни ја загрози победата.
Македонија отвори со 10-3, но словачката репрезентација брзо се консолидира и на крајот од првата четвртина имаше водство од 17-15. Така беше до средината на вториот квартал, а потоа дојде периодот кој се покажа решавачки за овој натпревар. По 21-22, нашата репрезентација направи серија од 12-0, односно 18-3 и пред крајот на првото полувреме поведе со 39-25. Кулминација на одличната игра на избраниците на Велев беа воведните три минути од третата четвртина во кои нашите кошаркари постигнаа десет поени по ред за највисоките +23 (51-28) по што се чинеше дека работата на овој натпревар е завршена.
Тука, за жал, македонската репрезентација застана и во следните осум минути не постигна кош од игра, а единствените поени беа од линијата за слободни фрлања, дело на Петровиќ и Грбовиќ. Словачка го искористи тоа и со серија од 24-6 се доближи на само пет поени негатива (52-57) по само две минути игра во последниот период. Сепак. Велев и неговите помошници навремено реагираа, следуваше серија од 9-0 на нашите кошаркари за комотни 66-52 на помалку од три минути пред крајот по што Македонија мирно го приведе мечот кон крајот.
Коста Ќириловски беше најефикасен во нашата селекција со 15 поени, сите постигнати во првото полувреме, Луканоски постигна 11 поени и девет скока, а уште Петрушевски беше двоцифрен со десет поени. Следен противник на Македонија на Европското првенство е Ирска, утре од 13:30 часот.