Евролигата „игра“ за нас: Русите без првиот „снајпер“ ќе ја пречекаат Македонија?!

Македонската кошаркарска репрезентација на 23 февруари ќе ѝ гостуваат на силната селекција на Русија во првиот гостински дуел во квалификациите за пласман на ЕП 2021, чиј селектор, за наша среќа, нема да може да смета на својот прв стрелец и најдобар играч, Алексеј Швед.

Причина за ова е фактот што Евролигата не ги почитува прозорците на ФИБА наменети за средби на националните селекции, поради што кошаркарите кои играат во клубовите од ова натпреварување нема да може да играат и за своите држави. Швед настапува на Химки, кој на 20 февруари му гостува на Милано, што сигурно значи дека нема да игра за „баќушките“ на гостувањето токму кај Италија истиот ден. Теоретски, тој би можел да ѝ се приклучи на „зборнаја“ за средбата со жолто-црвените, со оглед што тој датум е слободен во евролигашката конкуренција, но информациите од Русија засега велат дека тоа нема да се случи.

Покрај Швед, од составот ќе испадне и неговиот клупски соиграч Вјачислав Зајцев како и Дмитриј Хвостов, кој игра за Зенит. Играчите кои играат за ЦСКА засега остануваат на списокот на селекторот Сергеј Базаревич.

Инаку, според планот, Русите ќе тренираат во Нижни Новгород во периодот од 16 до 19 февруари, по што летаат за Неапол, каде на 20 февруари ги чека дуелот со селекцијата на Италија. Три дена подоцна, во Перм, им следува дуелот со нашиот национален тим. Македонија во првиот термин го игра можеби најважниот дуел на патото кон пласман на континенталниот собир и тоа на домашен терен против Естонија.

Италија како домаќин веќе е пласирана во ЕП, а од останатите три репрезентации само две ќе обезбедат виза за првенството на најдобрите во Европа.