Поранешен репрезентативец на Македонија е нов тренер на Шкендија

Вицешампионот на Македонија, Шкендија го објави името на новиот тренер за претстојната сезона, како и неговиот стручен штаб.

Довербата да го води тимот му е дадена на поранешниот капитен на тимот, како и некогашен репрезентативец на Македонија, Артим Положани кој е назначен за шеф на стручниот штаб. Положани е добро познато име во тетовскиот клуб бидејќи како играч таму помина вкупно седум сезони - од 2004 до 2006 и од 2012 до 2017 година. Со Шкендија освои трофеј во Купот на Македонија, играше и за Башкими, Македонија ЃП и  Вардар во земјава, како и клубови од Албанија, Германија, Хрватска и Русија, а забележа и 14 настапи за македонската репрезентација во периодот од 2007 до 2015 година. Тренерската кариера ја почна во 2020 година во Партизани Тирана, работеше и во косовскиот прволигаш Балкани како асистент и главен тренер, а последниот ангажман го имаше во албанскиот Фљамуртари. 

Беким Османи ќе му биде прв помошник на Положани, додека во стручниот штаб се уште видео аналитичарот Куштрим Вока, тренерот на голманите Саладин Мустафи и кондицискиот тренер Самир Фетаи.

Шкендија со новиот шеф на стручниот штаб вечерва заминува на подготовки во Словенија, во очекување на противникот во квалификациите од Конференциската лига.