Дончиќ и Словенија ја прегазија Германија за полуфинале на дебито на ЛОИ

Словенија на своето деби на кошаркарскиот олимписки турнир дојде до полуфинале после убедливата победа со 94-70 против Германија, во четвртфиналната пресметка на ЛОИ во Токио во која НБА-ѕвездите Лука Дончиќ и Зоран Драгиќ заедно дадоа 47 поени.

Словенците дојдоа на чекор до медал во мечот на кој уште од стартот најавија дека нема да ја пропуштат шансата за полуфинале, а Германија некако успеваше да им парира до средина на вториот период, кога и поведе (32-31), откако првата двоцифрена предност од првиот период и почетокот на вториот ја стопија (25-14, 27-14), но толку имаа сила за да им парираат на Дончиќ и Драгиќ.

Сѐ потоа беше меч во една насока, а само прашање беше со колкава разлика ќе триумфира Словенија, која на паузата замина со плус седум (44-37), а веќе на почетокот на третата четвртина дојдоа пак до двоцифрена предност, која потоа ја зголемуваа. Плус 14 беше најмногу што имаа во третиот период, а потоа Германија се распадна тотално за убедливи 24 поени разлика (94-70).

Малку фалеше Дончиќ да дојде до трипл дабл, па мечот го заврши со 20 поени, 11 асистенции и осум кока, додека Драгиќ овојпат беше лидер со 27 поени, додека Тобеј со дабл дабл, 13 скока и 11 асистенции, им беше поддршка.

Ло и Гифи со 11 односно 10 поени беа единствени со двоцифрен кошгетерски ефект кај Германија.