Димевски: Антикорупциска да ги истражи фактите и јавно да ја објави одлуката

Даниел Димевски, надворешниот соработник за прашања од областа на спортот во кабинетот на премиерот, испрати реакција по денешната информација дека Антикорупциската комисија (ДКСК) отворила предмет за наводно спорна закупнина на земјиште, кое е дел од Спортско-рекреативниот центар „Кале“.

Во предметот се вели дека тој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице „Турд олимпик“ ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале“ со што „во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил Буџетот“. Димевски во реакцијата вели дека станува збор за спинувани факти, а во прилог на демантот доставува и прилози со кои го поткрепува своето тврдење. Во продолжение интегрално го пренесуваме неговиот демант:

„Објавен јавен повик – оглас за издавање земјиште, а не објекти, кое е дел од СРЦ „Кале“, на кои парцели во моментот има запуштен паркинг и целосно руиниран и запуштен базен. Спортските сали 'Кале 1', 'Кале 2' и лизгалиштето не се предмет на закуп. 'Кале 1' – предадена на КФСМ, 'Кале 2' – издадена на КК „Вардар“, лизгалиштето – издадено на Федерацијата за лизгачките спортови на РСМ. По учеството на јавниот повик и наддавањето, комисиски избор на најповолна понуда во износ од 600 евра плус ДДВ. Реновиран паркинг-простор, кој ќе работи исклучиво како паркинг. Повлечена извршна судска пресуда на износ од 123.000 евра плус камати. Буџетот спасен од камати“, вели Димевски во својата реакција.

Поранешниот долгогодишен претседател на КФМ воедно ја повика Антикорупциската комисија во најкус можен рок да ги истражи фактите и јавно да ја објави својата одлука.