Чест или судбина: Кошаркарите први ќе го сефтосаат името Северна Македонија?!

Претстојниот натпревар на кошаркарската репрезентација на гости кај Романија (следниот четврток) во претквалификациите за ЕП 2021 ќе биде прв за една наша спортска селекција по официјалната смена на името на нашата држава – Северна Македонија.

Промените веќе се реалност во сите сфери на живеењето, што значи дека и националните тимови нема да бидат иземени од тоа. Еден од условите од Преспанскиот договор со Грција е токму брза имплементација на смената на името на спортските селекции, но засега не е познат начинот и брзината со која ќе дојде до тоа.

Македонија во моментов во светот на кошарката е прикажана со кратенката МКД, односно во ФИБА е примена со привремената референција ФИРОМ. Досега бевме единствената земја во овој спорт која не смееше да го испише името на дресовите односно настапувавме како - безимени.

„Свесни сме за новонастанатата ситуација со името, но засега не знаеме кога ќе треба тоа официјално да се промени во ФИБА. Чекаме инструкции од Владата по ова прашање, за да може да реагираме. Ништо чудно сето ова да се случи пред претстојното гостување во Романија, па таму да настапиме како Северна Македонија. Но, сѐ додека не добиеме официјално известување сами на своја рака нема да правиме ништо“, ни изјавија од канцеларијата на Куќата на кошарката.

Нашата земја во кошаркарскиот свет беше преименувана во Северна Македонија уште пред осум месеци, кога ова име првпат беше употребено на најголемиот интернет-сајт за овој спорт, Евробаскет. Тогаш, по бурна реакција од јавноста и од кошаркарските работници, грешката беше исправена, но сега е прашање само на денови кога тоа повторно ќе биде вратено.

Средбата против Романија е последна од претквалификациската фаза, а за освојување на првото место кое единствено води директно во квалификациите ни одговара и пораз со најмногу 14 поени разлика.