Бјелица брутално искрен: Србијо извини, играв како – го*но!

Сосема очекувано, тешки зборови на самокритика паднаа по денешниот пораз на Србија од Аргентина (87-97) кој значеше крај на надежите за освојување медал на Мундобаскетот во Кина, а убедливо најсилна беше изјавата на кошаркарот на Сакраменто кингс, Немања Бјелица.

Тој се обиде да направи анализа на неуспехот, но и со едноставни зборови да опише како одиграа заедно со соиграчите.

„Не бевме подготвени за овој натпревар, пред сѐ на психолошки план. Ја преземам одговорноста, бидејќи како еден од лидерите на екипата одиграв како го*но. Аргентинците заслужено славеа, а нивните солзи покажаа колку го посакуваа овој триумф. Ние сме сјајна група на момци и не загубивме зашто сме арогантни или зашто мислиме дека сме посебни. Не одигравме како што треба и тоа е тоа. Можам со часови да говорам, но ова е претежок пораз, кој ме убива. Тешко е, но таква е кошарката“, изјави Бјелица.

Искусниот кошаркар истовремено се осврна и на личните проблеми со кои се соочуваа пред дуелот со „гаучосите“.

„Заборавив нешто многу важно, а тоа е дека еден наш кошаркар денеска играше откако ја загуби мајка си. Има поважни работи од кошарката во животот. Ма, ние сме е*ено добра група момци, само што пробавме да победиме на погрешен начин. Изгледавме лошо на паркетот, но не затоа што го потценивме противникот. Сега треба да се подготвиме за преостанатите два меча кои не очекуваат. Треба да завршиме на вистински начин и дома да се вратиме како тим“, дополни кошаркарот на Сакраменто.

Србија со четири убедливи победи го почна Светското првенство (СП), но потоа следуваа две врели шлаканици од Шпанија и Аргентина, па наместо за медал ќе се борат за пласман од 5-8 место на Мундобаскетот.