Без ново изненадување: „Кенгурите“ ја прескокнаа Чешка и си закажаа полуфинале со Шпанија!

Кошаркарите на Австралија не дозволија второ изненадување во денешната четвртфинална програма на Светското првенство (СП) во Кина, па со сигурна игра, пред сѐ во второто полувреме, ја совладаа Чешка (82-70) и изборија полуфинале против Шпанија.

Клучно за победата на „кенгурите“ беше серијата 20-3 во втората половина од третиот период, со која дојдоа до највисока предност од 17 поени (63-46), која се покажа доволна за продолжување на низата победи на Мундобаскетот. Чесите не се предадоа, вратија со девет поени во низа, но едноставно немаа ниту сили ниту квалитет за целосен пресврт.

На победата на австралиската селекција многу се израдуваа Французите и Шпанците, кои сега и официјално директно се пласираа на Олимписките игри в година во Токио, каде што секако се најдоа и „кенгурите“. Пети Милс со 24 поени беше најпрецизен кај победникот, додека Патрик Ауда со 21 поени беше најпрецизен кај Чесите.

Полуфиналните средби помеѓу Аргентина и Франција односно Австралија и Шпанија се играат задутре (петок), додека утре на шампионатот во Кина ќе се одиграат дуелите за пласман од 5-8 место и тоа помеѓу САД и Србија (13 часот) односно Чешка и Полска (15 часот).