Задар мора да падне во Аеродром: МЗТ брка победа вредна камбек во АБА-лигата!

Без разлика што овој епитет некогаш пречесто и не баш оправдано се користи во медиумите, денешната пресметка на МЗТ Скопје на домашен терен против Задар (18 часот) дефинитивно е меч на сезоната за тимот од Аеродром.

Сино-белите одиграа херојски во првиот меч од бараж-серијата што се игра до два триумфи и направија „брејк“ во Хрватска, кој сега ги донесе до ситуација со евентуален триумф да се израдуваат на враќање во АБА-лигата. Шансата е тука, за тоа се свесни и самите кошаркари и членови на стручниот штаб на „металците“, кои најавуваат максимална борба до последниот атом енергија за да се искористи пружената шанса.

Тренерот Кочов истовремено предупредува на квалитетот на противникот, како и на фактот што тој сезонава игра подобро на гости отколку на домашен терен.

„Ова е исклучително важен натпревар како за нашиот клуб така и за целокупната македонска кошарка. Свесни сме дека Задар е силна и искусна екипа, која без разлика на сѐ мора и тоа како да се респектира. Првиот меч мора да го заборавиме и не смееме да размислуваме премногу што ни носи триумфот на овој дуел, туку мора да се фокусираме да одиграме со уште поголема енергија и ангажираност. Противникот сезонава игра подобро на гости, факт кој никако не смееме да го занемариме. Се надевам дека со помош од домашната публика, моите играчи ќе одиграат и над моментните можност за да може на крајот сите заеднички да славиме“, вели тренерот Кочов.

Ова ќе биде 14. меѓусебен натпревар на двата тима во регионалната конкуренција, во кој МЗТ Скопје ќе има шанса да го изедначи резултатот на 7-7. Во Скопје досега биле одиграни шест меча, а скорот е 4-2 за нашиот состав. Билетите за средбата се веќе пуштени во продажба по симболична цена од 50 денари.

Средбата ќе биде пренесувана на каналите на Арена спорт телевизија.