Шок: Таман МЗТ требаше да влезе во АБА, лигата се најде пред – згаснување!

Регионалната кошаркарска АБА-лига се наоѓа пред буквално згаснување, токму во момент кога македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје требаше да влезе во најсилното друштво по две години пауза, откако словенечка Приморска и дефинитивно банкротира, после распуштањето на тимот вчеравечер.

МЗТ Скопје денеска на новиот состанок на АБА-лигата требаше официјално да биде промовиран за член на регионалната елита, зашто „штрковите“ уште од пред повеќе од еден месец беа прва резерва ако некој клуб реши да се повлече од натпреварувањето, пред се во преден план тоа беше словенечкиот тим од Копер, кој се најде во сериозни финансиски проблеми.

И откако Приморска практично се откажа, а денеска само формално МЗТ требаше да биде промовиран за нов член, се случи шок – војната на Партизан и Црвена Зведа кулминира и може да донесе распад на лигата. На состанокот на АБА, никаков напредок немаше во спорот на Партизан со лутиот ривал Ц. Звезда, откако црно-белите останаа на ставот судирот на интереси во случајот Ц. Звезда и ФМП да се решава на Арбитражниот суд во Лозана (КАС), а црвено-белите не се согласија на такво нешто и сега регионалната лига е во тотална блокада.

Стартот на сезоната беше планиран за 1 октомври, но овие проблеми помеѓу двата белградски ривали сега практично ја ставаат лигата во ќорсокак, зашто ни Партизан, ниту Ц. Звезда не сакаат да направат отспапки, па сега се споменува идеја да згасне постоечката АБА, а да се формира нов правен субјект и потоа сите клубови во АБА и АБА 2 да се изјаснат дали сакаат да играат во новото натпреварување.