Скандал во грчката кошарка: Запленети над 930.000 евра, уапсен и претседателот на Федерацијата!

Голем скандал ја тресе грчката кошарка, откако полицијата заплени над 930.000 евра во акција поврзана со сомневања за местење натпревари и поткуп на судии.

Полицијата има шест осомничени во случајот, а меѓу нив е претседателот на Кошаркарската федерација на Грција, Вангелис Лолиос.

Грчките медиуми пишуваат дека истрагата е за период од 2016 до 2026 година и околу 50 натпревари за кои постои сомнеж дека се влијаело врз конечниот резултат.

Во координираната полициска акција биле запленети вкупно 931.463 евра, како и 14 мобилни телефони, шест лаптопи, 22 УСБ-уреди, два таблети и други електронски уреди.

Осомничените се истражуваат поради сомневања за барање и примање поткуп, давање недозволени придобивки и влијание врз резултатот на натпреварите.