Само еден судија ќе ја брани честа на Македонија на АБА-Суперкупот во Бар!!

Еден од најталентираните македонски кошаркарски судии во моментов, Боро Антовски, денешниот ден најверојатно никогаш нема да го заборави со оглед што вечерва ќе го има своето деби во АБА-лигата и тоа на меч на поранешниот европски шампион Партизан во четвртфиналната пресметка од Суперкупот со домашниот Морнар (21.15 часот).

Добиената чест за младиот делител на правдата е уште поголема ако се знае дека ќе биде единствен Македонец на претстојниот кошаркарски спектакл во Бар на кој ќе настапат осумте најдобри екипи од регионалното натпреварување во минатата сезона. Исклучок од тоа е ФМП, кој како деветопласиран влезе во оваа конкуренција на местото на шампионот Црвена звезда, која не можеше да дојде во Црна Гора поради претходно договорен настап на евролигашки турнир на Кипар. МЗТ Скопје не е дел од оваа конкуренција поради пласманот на претпоследното место на табелата во првенството кое измина.

Според најавите, Антовски во следниот шампионат ќе суди натпревари од АБА 2-лигата што значи дека пред него е голема шанса да покаже дека може да се снајде и на натпреварите на најдобрите екипи од регионот, што ќе биде препорака за брзо напредување и приклучување на Игор Митровски, Александар Милојевиќ и Александар Павлов, кои се ставени на листата на судии за АБА-лигата. Шансата што ја добија е уште поголема ако се знае дека сѐ уште нема знак на ФИБА, како неговите постари колеги кои се дел од регионалното натпреварување.

Покрај средбата на која е делегиран македонскиот делител на правдата, во четврт-финалето од воведното издание на Суперкупот силите ќе ги одмерат уште и Цедевита и ФМП (14.30 часот), Игокеа и Мега Лекс (16.45 ч.) и Будуќност и Цибона (19 часот). Утре е слободен ден за победниците, а поразените ќе играат дуели за пласман во 5-8 место. Полуфиналните средби се задутре (18.45 и 21 часот), а првиот освојувач на големото признание пред почетокот на сезоната ќе биде познат по големото финале закажано за в сабота (21 часот).