Противник на МЗТ и Пелистер се засили со репрезентативец на – Јужен Судан!

Екипата на Вриједноснице Осијек, која е дебитант во АБА2-лигата и противник на македонските екипи МЗТ Скопје и Пелистер, денеска се засили со капитенот на репрезентацијата на – Јужен Судан.

Станува збор за Куани Нгор Куани (27 год, 200 см), кој игра на крилната позиција и за кого ова ќе биде прв ангажман во Европа. Првиот професионален договор го потпиша во 2017 година а сите негови досегашни екипи биле од Австралија, каде што извесен период настапуваше и со поранешната НБА-ѕвезда, Ендрју Богут. Куани настапи во квалификациите за Афробаскетот, каде што имаше просек од 19 поени и девет скока, како и во квалификациите за СП 2023, каде што просечно реализираше 14 поени со по четири скока и асистенции.

Прв против крилото од Јужен Судан ќе настапи МЗТ Скопје, чиј меч против Вриједноснице Осијек е закажан за четвртото коло, додека Пелистер против хрватскиот дебитант во АБА2 ќе се сретне во 11. коло.