Поранешен „шеф“ на двајца македонски селектори е заразен со Ковид-19!

Некогашниот бугарски селектор и актуелен тренер на Левски Лукоил, Тити Папазов, денеска официјално објави дека е позитивен на коронавирусот и дека следните две недели ќе ги мине во карантин, без разлика што во моментов нема никакви симптоми на болеста Ковид-19.

Станува збор за убедливо најпознатиот кошаркарски стратег во Бугарија, кој изминативе години работеше заедно со двајца македонски селектори, актуелниот Александар Тодоров и творецот на литванското лудо во 2011 година, Марин Докузовски. Тие беа во улога на помошници во неговиот стручен штаб, прво во Лукоил Академик (Докузовски), а потоа и во Левски Лукоил (Тодоров).

„Денеска официјално разбрав дека сум влезе во групата од 12 милиони заразени со коронавирусот во светот и тоа на денот кога пред 43 години почина мојот дедо, генерал Костадин Чешмеџиев. Немам симптоми и верувам дека набрзо ќе ја добијам битката и со Ковид-19“, напиша Папазов на социјалниоте мрежи.

Тој во моментов е и еден од акционерите на бугарскиот фудбалски гигант Левски, кој изминатиов период се соочуваше со големи финансиски проблеми, поради што му се закануваше и целосно згаснување.